fbpx

30.09.2024

СО МЕТАЛИТЕ СЕ ИСКОВАЛ ПРОМЕТ од над половина милијарда евра

Производство на метали, лимови, цевки, жици и разни други метални производи, на фирмите им носи сериозни приходи и добивки. Ова е дејност во којашто обично работат гиганти во некоја национална економија. Затоа, овде ги среќаваме добро познатите ИГМ трејд, Макстил, Металопромет…

Порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа ги анализираше компаниите коишто се носители на шифра на дејност 24. ТОП 10 компании по приход направиле заеднички промет од 543,5 милиони евра, ТОП 10 компании по добивка направиле заеднички профит од 25,7 милиони евра, а ТОП 10 најголеми работодавачи во оваа дејност имаат вкупно 3.136 вработени.

Повеќе од компаниите влегле во сите три категории како ТОП 10 компании: по приход, по добивка, и по вработени.

ИГМ ТРЕЈД НЕДОСТИЖЕН И ПО ПРИХОД И ПО ДОБИВКА

Најголем приход во друштвото на овие компании има ИГМ трејд ‒ околу 155 милиони евра, а добивка од речиси 16 милиони евра.

Обично, синоним за металната индустрија е Макстил, која сѐ уште се врзува за топалата валавница од некогашната Железарница „Скопје“. Макстил е втора и по приход и по добивка. Минатата година, вкупниот промет ѝ изнесувал 138 милиони евра, со што си обезбедила добивка од речиси 5,8 милиони евра.

Либерти или компанијата што е наследник на ладната валавница од некогашна Железарница, лани се наоѓала на третото место по приход од речиси 102 милиони евра, но не остварила добивка, туку била во минус од речиси 14 милиони евра.

Извор: БизнисМрежа

КОИ КОМПАНИИ ПРАВАТ ГОЛЕМИ ДОБИВКИ?

Покрај компаниите од металниот сектор коишто прават и големи приходи и големи добивки, има фирми што не успеале да влезат во рангирањето ТОП 10 по приход, а влегле во ТОП 10 по добивка. Таква е Порд – машинопроект Чедомир ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, која со приход од 1,2 милиони евра, направила добивка од 388.000 евра. Со приход од 2,1 милион евра, Друштвото за производство, трговија и услуги Бошава ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци, направило добивка од 300.000 евра. Приходите од 473.000 евра на Друштвото за производство и трговија ББ континент метал ДООЕЛ Скопје му донеле добивка од речиси 73.000 евра. Друштвото за производство и промет на стоки и услуги Дијаг ДОО Скопје лани имало промет од 460.000 евра, а добивката му била 47.000 евра. И Друштвото за производство, трговија и услуги Рецикл еко-старт ДОО експорт-импорт Скопје го има во ТОП 10 по добивка, а го нема во ТОП 10 по приход. Компанијата лани имала приход од 2 милиони евра, а добивката ѝ била 36.700 евра. Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека сега на оваа фирма ѝ е блокирана сметката затоа што има долг кон УЈП.

Значи, податоците покажуваат дека само големите металски гиганти правеле убави добивки. Другите, иако се со дејност метали, работат нешто од помал обем, па затоа има голем распон на добивките, од 36.700 евра до 16 милиони евра.

Извор: БизнисМрежа

МАКСТИЛ – НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ ВО МЕТАЛНИОТ СЕКТОР

Во групата ТОП 10 работодавачи во металниот сектор се фирми со број на вработени од 43 (Слабинцк) до 974 (Макстил).

Извор: БизнисМрежа

Текстот го подготви редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер