МНОГУ РАБОТАТ, МНОГУ СЕ МОЌНИ, А НАШИ СЕ – Кои се најдобрите компании во компјутерско програмирање?
Добивка од над десет милиони евра, приходи повисоки од 58 милиони евра и 1.242 вработени се заедничките постигнувања на само десет компании од светот на компјутерското програмирање, кои се формирани и работат со домашен капитал. Станува збор за бизнис-лидерите во дејноста со шифра 62.01, од каде што произлегуваат резултати коишто ги креваат просеците во повеќе сегменти од македонската економија и имаат големо влијание врз неа, правејќи ја општата слика подобра отколку што е.
Во ИТ-индустријата се големите бројки. Во земјава има 3.091 активна компанија (домашни и странски); вработуваат 21.640 лица; просечната бруто-плата е 2.290 евра; приходите од работењето пораснале за 15 насто; извозот го зголемиле за 18 насто; платиле данок на добивка од над 20 милиони евра… Овие факти се од статистиката на МАСИТ и се однесуваат за минатата година, а во однос на прекланските, кај сите параметри има добар процентуален раст.
Анализата на Пари што следи во продолжение е направена врз податоците од БизнисМрежа. Ги опфаќа исклучиво фирмите во владение на македонски сопственици, од чии редови произлегуваат и бизнис-лидерите од оваа област, распоредени во три категории – добивка, приход и број на вработени.
АПСОЛУТЕН ПОБЕДНИК Е…
Аксапта Мастерс, друштвото за компјутерско програмирање чиишто решенија се користат во производството, транспортот, автомобилскиот сектор, малопродажбата, градежништвото, фармацијата, осигурителната дејност итн., е најдобро во трите полиња. Ги предводи топ 10 листите со овие резултати од 2023 година: добивка од 169.037.389 денари или 2,74 милиони евра; приход од 791.445.237 денари, односно 12,86 милиони евра; 276 вработени.
Едно второ и две четврти места за Друштвото за трговија и услуги Пантелеон, кое за четири години откако е формирано има база од над 250 клиенти низ светот. Со остварената финансиска позитива од 115.803.476 денари (1,88 милиони евра) го има високото второ место според добивка. Таа е заснована врз приливите од 315.094.138 денари (5,12 милиони евра). Сето тоа е заслуга на 105 работноангажирани лица.
Специјализирано во управување со целосни процеси на дигитална трансформација и испорака на ИКТ-решенија, Друштвото за информатичка технологија Некстсенс е дел од најдобрата тројка според добивката ‒ 90.460.900 денари (1,47 милиони евра), но и со приходите во износ од 538.032.597 денари (8,74 милиони евра). Бројката од 99 вработени на компанијата ѝ ја обезбеди шестата позиција на таа листа.
Во првата половина од табелата на која се рангирани фирмите за компјутерско програмирање со најголеми профити се и Мацедониан Цомпутер Ассоциатес со 67.273.837 денари (1,09 милиони евра) и Интерворкс од Битола со 48.167.619 денари (783 илјади евра).
Вкупната добивка на десетте најдобри компании изнесува 631.081.893 денари.
Извор: БизнисМрежа
НЕМА ПРОМЕТ ПОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА
Парите не се „лепат“ само за странските фирми, покажува прометот што го направиле лани десетте компании. Станува збор за износ од 3.592.493.480 денари или повеќе од 58,4 милиони евра.
Битолчаните, кои своите активности ги протегнале одовде до Америка, се петти според добивка, а втори по приход. Интерворкс минатата година свртел 770.182.786 денари (12,52 милиони евра). Од прворангираната Аксапта Мастерс го делат нешто повеќе од 300 илјади евра.
Забележливо е дека само првите две компании имаат приходи што го минуваат прагот од десет милиони евра. Почнувајќи од Некстсенс (со 8,74 милиони евра), па надолу, поголеми разлики во износите има од позиција до позиција. Но, нема компанија со приход под два милиони евра.
Извор: БизнисМрежа
ВО 10 КОМПАНИИ ИМА ПЛАТА ЗА 1.242 ВРАБОТЕНИ
Инвентивност, иновативност и динамичност се основите на оваа дејност, која има магнетна привлечност за младите при изборот на професија. Брзината и начинот на кој се развива постојано го држи отворен влезот за нови и нови креативци.
Десетте најдобри според бројот на вработени обезбедуваат плата за 1.242 лица. Погоре споменавме, на врвот е Аксапта Мастерс со 276 вработени.
Битолскиот Интерворкс на оваа топ 10 листа е второпозициониран, со 235 работно ангажирани лица. Следи Друштвото за програмирање и одржување на софтвери Интертек.ИО од Скопје, каде што работат 121 лице. Инаку, оваа фирма е на шестото место по приход, кој изнесува 3,9 милиони евра.
Со повеќе од сто вработени се уште две програмерски друштва: Пантелеон и Мацедониан Цомпутер Ассоциатес. Имаат по 105 вработени.
Другите имаат помалуброен кадар, од 58 – Интелегент Нетворк Солушн, до 99 – Некстсенс.
Извор: БизнисМрежа
Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер