fbpx

03.10.2024

ЗАРАБОТУВААТ МИЛИОНИ ГАСЕЈЌИ ЈА ЖЕДТА за вода, сок, пиво, вино…

Пазарот за безалкохолни и алкохолни пијалаци е еден од најконсолидираните со доминантни пазарни играчи.

Кожувчанка, пелистерка, кока кола, фанта, прилепска газоза, скопско, златен даб, хајнекен, амстел, шардоне, темјаника, александрија.., се само мал дел од брендовите по кои се познати десетте бизнис-лидери во категорија производство на пијалаци.

Порталот Пари ги анализираше податоците од Бизнис мрежа за приходите и добивките што ги направија најголемите компании од оваа категорија во 2023 година. Десетте бизнис-лидери инкасирале над 270 милиони евра вкупно продавајќи им квалитетни пијалаци на граѓаните.

Кога се зборува на оваа тема, гигант во категоријата производство на пијалаци во секој поглед – производство, вработени, плати, приходи, добивка ‒ е Пивара Скопје. Сепак, не треба да се потценува придонесот од останатите.

ШТО ГРАЃАНИТЕ ПРЕФЕРИРААТ ДА ПИЈАТ НАЈМНОГУ

Бизнис-лидер со највисоки приходи со години е Пивара Скопје. Таа е најстарата македонска пиварница, која постои уште од 1922 година, а основна дејност ѝ е производство на безалкохолни пијалаци и пиво. Остварениот приход за 2023 година на оваа компанија е 128,2 милиони евра, со раст од 27,76 насто во однос на 2022 година. Како второпозиционирана компанија во категоријата производство на пијалаци е винарската визба Тиквеш и таа претставува најголема винарска визба во Македонија. Со квалитетот на своите вина, оваа компанија има направено промет од 52,7 милиони евра.

Прилепската пиварница, со приход од 35,1 милион евра, е на трето место. Нејзината основна дејност и најпознат производ е пивото, но компанијата произведува и полни и безалкохолни пијалаци како од домашно потекло, така и од светски познати брендови за кои е овластен дистрибутер. Кожувчанка во 2023 година остварила вкупни приходи од 14,3 милиони евра, што е за 8,59 насто повеќе во однос на преклани.

Следните пет компании што влегуваат во десетте бизнис-лидери во оваа категорија имаат остварено промет од 5 и пол милиони евра, па сѐ до малку над 8 милиони евра.

Извор: БизнисМрежа

ПИВАРА СКОПЈЕ ‒ ЛИДЕР ПО ОСТВАРЕН ПРОФИТ

Рекордер по добивка е Пивара, со остварена заработка за 2023 година од 17,5 милиони евра, а раст од 10,88 насто во споредба со 2022 година. Зад неа е винарската визба Тиквеш со заработка од 4,3 милиони евра, што е за 46,31 насто раст од преклани, кога добивката изнесувала 2,9 милиони евра. Во првата тројка бизнис-лидери со највисока добивка спаѓа и Прилепска пиварница, со нето-заработка од 1,9 милиони евра.

Најголем раст во листата на добивки има остварено Кожувчанка, дури 174,68 насто повеќе од 2022 година. Во 2023 година заработила 487,9 илјади евра.

Всушност, во најголем дел фирмите се повторуваат во двете рангирања: Соко Горица со добивка од 993,2 илјади евра е на четврто место (шесто според приход), Бовин е петта по профит (780,9 илјади), додека, пак, според приход не е рангирана во првите десет. И струмичката Грозд, со добивка од 691,1 илјада евра, е шеста по профит, но не фигурира на листата со приходи. Во однос на добивките, најмалку може да се пофали Далвина од Босилово. Лани оваа компанија реализирала добивка од 214,9 илјади евра. Сепак, во споредба со 2022 година има раст од 47,50 насто.

Извор: БизнисМрежа

ВКУПНИОТ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ВО ДЕСЕТТЕ КОМПАНИИ Е 1.485 ЛИЦА

Највредниот ресурс на компанијата се вработените. Во овие 10 бизнис-лидери има вкупно 1.485 вработени. Најмногу вработени имаат компаниите Пивара Скопје и Прилепска пиварница. Во Пивара Скопје заработуваат 393 работници, а во Прилепска пиварница 251 работник. Тиквеш брои 200 вработени, Кожувчанка 153, а во Магрони заработуваат 123 лица. Во втората петка бизнис-лидери по број на вработени, компаниите имаат ангажирано од 61 до 88 вработени.

Извор: БизнисМрежа

Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер