fbpx

01.10.2024

ШПЕДИЦИЈАТА Е МИЛИОНСКИ БИЗНИС: Во кого се довериле фирмите?

Анализа: Кои се бизнис-лидерите во придружните дејности во превоз?

Шпедитерите се многу значајна алка во меѓународните синџири на снабдување. Без овој сериозен бизнис не може да се извршува меѓународниот транспорт на стоки, било да е патен, железнички, или бродски. Секој договор значи сериозна работа, но и сериозна заработка.

Порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа открива кои се бизнис-лидерите во оваа дејност. Во ТОП 10 компании добивките се движат од 290.000 евра па сѐ до 2 милиони евра. Дефинитивно, ова е дејност од која може да се заработи многу! Приходите што ги прават десетте најпрометни компании се од 6 милиони евра до 72,7 милиони евра.

Заедничкиот приход на ТОП 10 компании со шифра на дејност 5.29 – Придружни дејности во превоз, е 196,4 милиони евра. Заедничката добивка на ТОП 10 компании по профит во оваа дејност е 7 милиони евра. Десетте најголеми работодавачи, пак, заедно имаат 810 вработени.

ФЕРШПЕД ЦАРУВА И СО ПРИХОД И СО ПРОФИТ И СО РАБОТНИЦИ

Друштвото за меѓународна и внатрешна шпедиција со јавни и царински складишта Фершпед АД Скопје има и најголем приход и најголема добивка, а е и најголем работодавач во својот сектор.

Компанијата лани направила приход од 72,7 милиони евра, а тоа ѝ донело нето-профит од 2 милиони евра. За ова се заслужни 292 вработени.

Фершпед е број 1 во шпедицијата во 2023 година

Извор: БизнисМрежа

Почетоците на работењето на Фершпед датираат од 1968 година, кога во рамките на Железниците на Македонија заради извршување на шпедитерски услуги во внатрешниот и меѓународниот транспорт, формирана е самостојна работна единица Фершпед. За време на транзицијата, оваа компанија се приватизираше и успеа да продолжи со својата работа.

ШЕСТ ШПЕДИЦИИ ИМААТ ПРИХОД НАД ЕДНА МИЛИЈАРДА ДЕНАРИ

Прометите што се прават во оваа дејност се големи, а шест компании успеале да направат промет од над 1 милијарда денари, односно над 16 милиони евра. По најприходната Фершпед, на второ место е Мулти шпед со 26,6 милиони евра, па Кине и Нагел со 20 милиони евра.

Во шпедиции со над 1 милијарда денари се и Унико Роза од Гевгелија и Квенбергер логистик Македонија ДООЕЛ Штип.

Извор: БизнисМрежа

НЕ СЕ СИТЕ ШТО СЕ НАЈДОБРИ ПО ПРИХОД НАЈДОБРИ И ПО ДОБИВКА

Добивките на ТОП 10 компании од придружни дејности во превоз се движат од 290.000 евра до 2 милиони евра. Иако станува збор за големи цифри, профитните маржи се пристојни. Така, профитната маржа (соодносот на приходите со нето-добивката) на Фершед е 2,7 насто, а на Мулти шпед е 3,75 насто

Извор: БизнисМрежа

ПОТРЕБНИ СЕ МНОГУ РАБОТНИЦИ

Шпедитерството е сложена услужна дејност и бара повеќе вработени. Најголемата компанија, Фершпед, има дури 295 вработени, а работодавачот што е на крајот од листата ТОП 10 по број на работници вработува 35-мина.

Извор: БизнисМрежа

Текстот го подготви редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер