КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ИГРАЧИ со бензиски пумпи?
Трговците со нафтени деривати ја имаат централната позиција во економијата, продавајќи стратешки производ без кој не може да се замисли создавањето и дистрибуцијата на секој друг производ. Самото тоа им создава привилегирана позиција и им го дава клучот на успехот.
Порталот „Пари“ во соработка со Бизнис мрежа ги анализира компаниите што се носители на шифрата по дејност 47.3 ‒ трговци на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници.
Податоците покажуваат дека 10 бизнис-лидери со највисоки приходи, кои продавале нафтени деривати на мало, во 2023 година направиле заеднички приход од околу 796 милиони евра, 10 бизнис-лидери по добивка направиле заедничка добивка од околу 19 милиони евра, а 10 бизнис-лидери во оваа дејност што се истакнале како најголеми работодавачи заедно вработуваат 2.927 рабoтници.
МАКПЕТРОЛ СО НАЈГОЛЕМ ПРОМЕТ, ДОБИВКА И ВРАБОТЕНИ
Македонскиот традиционален бренд Макпетрол и понатаму цврсто го држи приматот на неприкосновен лидер на македонскиот пазар во оваа категорија. Со вкупно 126 станици со современа понуда на производи и услуги, Макпетрол располага со најголемата мрежа од бензински пумпи во Македонија. За 2023 година има остварено приход од 493,3 милиони евра, што е 60 насто од заедничкиот промет на 10-те најголеми компании во секторот. Компанијата направила добивка од 12,5 милиони евра, т.е. 65,5 насто од вкупната добивка на 10-те најпрофитни комапании, и имала дури 1.968 вработени.
Извор: БизнисМрежа
ПРОМЕТОТ ИМ СЕ БРОИ ВО МИЛИОНИ ЕВРА И НА ДРУГИТЕ
Вториот најголем синџир на бензиски пумпи, Лукоил, е веднаш зад Макпетрол, а прометот му изнесува 144,5 милиони евра.
Потоа следува кумановската компанија Детоил, која на пазарот датира од 1993 година. Минатогодишниот остварен приход ѝ изнесува 45,6 милиони евра. Четвртопозиционираната во оваа категорија е компанија од Виница – Дади-компани. Ланските приливи ѝ изнесуваат 30,7 милиони евра.
Следните седум компании во оваа дејност драстично се разликуваат од првите неколку фирми во однос на приходите, особено од првопозиционираната. Тие имаат остварено промет од 11,2 милиони до 16,6 милиони евра.
Извор: БизнисМрежа
ВКУПНАТА ДОБИВКА НА ДЕСЕТТЕ ФИРМИ Е 19,1 МИЛИОН ЕВРА
Десетте бизнис-лидери рангирани во оваа категорија минатата година ја завршиле со вкупна добивка од 19,1 милион евра, а најголем дел е благодарение на добивката од 12,5 милиони евра на Макпетрол.
На втора позиција е повторно Лукоил, со остварена добивка од 2,2 милиони евра. Треторангираната компанија не се најде меѓу првите десет според приходи, а таа е Нусоил од Скопје, чија заработка изнесува 772,7 илјади евра. Зад неа е компанијата што ѝ дише во врат со профит од 767,3 илјади евра – Хени-компани од Липково.
Следните шест друштва од оваа категорија се со мала разлика во достигнувањата, што укажува на силна конкуренција. Фирмите позиционирани од петто до десетто место имаат профити коишто почнуваат од 342 илјади евра и одат до 669 илјади евра.
Извор: БизнисМрежа
МАКПЕТРОЛ ИМА НАЈГОЛЕМ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ
Во Макпетрол се ангажирани 1.968 лица, а Лукоил брои 529 вработени. Останатите компании имаат вработено од 32 до 126 лица.
Најмал е колективот на Гала од Кавадарци, каде има 32 вработени.
Компаниите од овој сектор не се сконцентрирани само во еден град и регион. Па, освен што придонесуваат за националната економија, имаат голем удел и во развојот на средините од каде што доаѓаат. Од голема важност е можноста за работа што им ја нудат на своите сограѓани.
Извор: БизнисМрежа
Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер