ТАМУ КАДЕ ШТО СЕ СРЕЌАВААТ ЗДРАВЈЕТО И БИЗНИСОТ ‒ 192,8 милиони евра оставиле граѓаните во аптекарските каси
Здравјето е највредното нешто што го имаме. Ниедно богатство не може да го замени, ниту да го спаси човекот кога телото ќе се побуни. Затоа и не е случајна изреката ‒ подобро да се спречи, отколку да се лечи.
Во секој град и секое маало, аптеката е местото каде што оваа вистина станува дел од секојдневието. Таа не е само простор со полици полни со лекови, туку првата станица кога здравјето ќе се наруши. Таму фармацевтот е од доверба, а зад тие производи и етикети стои жива индустрија што пулсира со здравјето на луѓето и остварува сериозна економска активност.
Оваа анализа опфаќа 10 аптекарски фирми, кои се на врвот според приходот и добивката. Вкупно 192,8 милиони евра приходи, 4,7 милиони евра добивки и 2.010 вработени ја одразуваат силата и значењето на секторот трговија на мало co фармацевтски производи во македонската економија. Тоа е индустрија што постојано расте, балансирајќи меѓу здравјето на луѓето и стабилноста на пазарот.
КОИ СЕ НАЈМОЌНИТЕ БРЕНДОВИ ВО ФАРМАЦИЈАТА?
Приходите на македонските аптеки за 2024 година се движат во широк опсег ‒ од 3 до 66,1 милион евра.
Лидер е Зегин Фарм Скопје со 66,1 милион евра, што ја позиционира како најмоќен бренд и најпрепознатливо име во фармацевтската малопродажба. Компанијата, основана уште во 1989 година, има најразвиена мрежа и највисоки плати во дејноста, што се рефлектира и во стабилните финансиски резултати.
На второ место е Моја Аптека Скопје со 49,4 милиони евра приход, која потекнува од истото семејство и го пренесува искуството и стратегијата на Зегин во модерен, проширен систем.
Еурофарм Битола е на третата позиција со 46,6 милиони евра, а нејзините аптеки имаат широка дистрибуција во повеќе градови, со силен локален бренд.
Понатаму следат Виа Фарм Вевчани (6,7 милиони евра) со раст од 41 насто во споредба со 2023 година, Виола Скопје (5,8 милиони евра), Мента Фарм Прилеп (4,2 милиони евра), Алпи Фарм (4,5 милиони евра) и Жива Фарм Велес (3,2 милиони евра).
ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈВИСОКИ ПРИХОДИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ТРГОВИЈА НА МАЛО СО ФАРМАЦЕВТСКИ ПРОИЗВОДИ
КОЈ Е ЛИДЕР ПО ОСТВАРЕНА ДОБИВКА?
Во делот на профитабилноста, сликата е поразлична од табелата со приходи.
Само една аптека остварила добивка во милионски износ минатата година ‒ Моја Аптека Скопје, со 2,4 милиони евра добивка, што претставува 4,9 насто од приходот.
Интересно е што иако Зегин Фарм има најголем приход, остварува релативно скромна добивка од 456,6 илјади евра, што е само 0,69 насто од приходот.
Виа Фарм Вевчани со 366,8 илјади евра добивка е трета на листата и покажува висока ефикасност, мал приход, но солиден профит.
Виола и Алпи Фарм се последните во категоријата на добивки, но се со позитивни примери, двете бележат силен раст на добивката во однос на претходната година (89 насто и 143 насто).
Во целина, вкупната добивка на топ 10-те аптекарски компании изнесува 4,7 милиони евра, што е 46,9 насто повеќе од претходната година.
ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈВИСОКИ ДОБИВКИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ТРГОВИЈА НА МАЛО СО ФАРМАЦЕВТСКИ ПРОИЗВОДИ
КОЛКУ ВРАБОТЕНИ СЕ АНГАЖИРАНИ ВО ДЕСЕТТЕ АПТЕКИ?
Секторот вработува вкупно 2.010 лица, што го прави значаен фактор во локалната економија и во здравствениот систем.
Најмногу вработени има Моја Аптека ‒ 585 лица, следна е Зегин Фарм со 553, па Еурофарм Битола со 520. Трите компании заедно ангажираат над половина од сите вработени во оваа гранка.
Следат Виа Фарм (65), Флос Фарм (62), Виола (54), Алпи Фарм (53) и Мента Фарм (45). Помалите регионални аптеки имаат по 30 – 40 вработени, но и тие имаат силно локално присуство и стабилен удел на пазарот.
Овие бројки покажуваат дека аптекарската дејност не само што создава профит, туку и обезбедува значителен број на работни места низ целата земја, особено во градовите надвор од Скопје.
ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ ПО БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ТРГОВИЈА НА МАЛО СО ФАРМАЦЕВТСКИ ПРОИЗВОДИ