14.10.2025

НЕВИДЛИВИОТ МОТОР НА ТРГОВИЈАТА со приход од 112,4 милиони евра

Секој ден низ македонските патишта, аеродроми и граници минуваат стотици пратки, од храна и облека до суровини и индустриски материјали. Сето тоа се движи благодарение на компании коишто не управуваат само камиони, туку цели процеси. Тие се посредниците во товарниот транспорт, ги поврзуваат производителите со превозниците, ги координираат царините, складиштата и документите, и се грижат секоја пратка да стигне точно каде што треба. Без нив, трговијата би застанала.

Во Македонија, посредувањето во транспортот е профитабилен и растечки бизнис. Анализирајќи ги податоците од 2024 година Бизнис Мрежа дознава дека компаниите од оваа гранка оствариле вкупен приход од 112,4 милиони евравкупна добивка од 5,9 милиони евра и вработуваат 464 лица.

КОЈ ГО ДВИЖИ ПОСРЕДУВАЊЕТО ВО ТОВАРНИОТ ТРАНСПОРТ?

На врвот од листата е Кине и Нагел ДООЕЛ Скопје, дел од светски познатиот логистички гигант. Компанијата основана во Македонија во 1996 година лани остварила приход од 20,3 милиони евра и со тоа ја задржува позицијата на лидер во посредувањето во транспортот.

Веднаш зад неа е Квенбергер Логистик Македонија од Штип со 17,9 милиони евра приход – доказ дека и внатрешноста на земјата има компании со европски квалитет.
На трето место е Беташпед од Илинден со 16,3 милиони евра, која повеќе од 20 години е препознатливо име во увозно-извозниот транспорт.

Четврторангирана фирма е ДСВ РОАД ДООЕЛ Скопје со приход од 13,3 милиони евра и е организирана во три главни сектори ‒ авионски и бродски транспорт, патен транспорт и решенија и услуга за складирање и логистика.

Понатаму се пласираат фирмите коишто имаат приливи пониски од 10 милиони евра. Најниско рангираните компании имаат приходи од околу 5 и 6 милиони евра.

Овие бројки покажуваат дека разликата меѓу врвот и дното од листата е голема, но сите заедно придонесуваат кон растечки сектор кој годишно носи преку 100 милиони евра промет.

ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈВИСОКИ ПРИХОДИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ДЕЈНОСТИ ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ ВО ТОВАРНИОТ ТРАНСПОРТ

СТАРКОН Е ПРВ ВО ДОБИВКА, А ПОСЛЕДЕН ВО ПРИХОДИ

Најпрофитабилна компанија е Старкон Шипинг ДОО Скопје, со добивка од 1,8 милиони евра. Иако по приходи е на самото дно од листата, со 5,7 милиони евра, успева да биде прва по профит. Тоа значи дека работи ефикасно. Оваа компанија е специјализирана за мултимодален и контејнерски транспорт.

Веднаш зад неа е Новтренд ДООЕЛ Штип со 845,9 илјади евра, која се искачува високо на ранг-листата поради стабилниот раст на профитот и локалното присуство.

Треторангирана е Кине и Нагел со 768,8 илјади евра добивка, што ја прави една од ретките компании што се наоѓаат високо и по приходи и по добивка, а тоа е знак за балансиран и ефикасен модел на работа.

Во средината на листата се Виатор и Вектор (462,6 илјади)Шенкер (442,9 илјади) и ДСВ Роад (386,8 илјади).
Ворлд Транспорт ОверсисБеташпедБилбо Логистикс и Квенбергер Логистик Македонија ја заокружуваат првата десетка со добивки меѓу 280 и 380 илјади евра.

ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ СО НАЈВИСОКИ ДОБИВКИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ДЕЈНОСТИ ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ ВО ТОВАРНИОТ ТРАНСПОРТ

НАД 460 ЛУЃЕ СТОЈАТ ЗАД ЛОГИСТИКАТА

Иако многу компании работат со рационален број на луѓе, некои се издвојуваат по организацискиот капацитет.
На врвот е Квенбергер Логистик Македонија со 135 вработени, што ја прави најголем работодавач во оваа дејност.

Следуваат Виатор и Вектор (82) и Шенкер (52), две компании со силна логистичка инфраструктура и присуство во повеќе градови.

Интересно е што Кине и Нагел, лидер по приходи, има само 32 вработениНовтренд Штип со 39 и ЕМР Логистикс со 48 лица покажуваат дека дури и средни компании можат да бидат мошне продуктивни.

Вкупниот број на вработени во топ 10-те компании изнесува 464 лица. Тие луѓе ги координираат испораките, ги следат товарите и се грижат сè да стигне навреме ‒ тие се невидливиот мотор на трговијата.

ТОП 10 БИЗНИС-ЛИДЕРИ ПО БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ВО КАТЕГОРИЈАТА ДЕЈНОСТИ ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ ВО ТОВАРНИОТ ТРАНСПОРТ

Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска