17.10.2025

Интервју: Милан Савов, извршен директор на SmartClick

ЛИДЕРСТВОТО ЗНАЧИ ДА СОЗДАДЕШ СРЕДИНА КАДЕ ТИМОТ УЧИ И РАСТЕ

Во брзо менливата дигитална индустрија, лидерството прави разлика. Милан Савов, извршен директор на SmartClick, ја претвора визијата во резултати, градејќи тим кој постигнува, расте и создава мерлив успех за клиентите. Во ова интервју, Савов зборува за културата на компанијата, иновациите и долгорочниот пристап кон развојот на бизнисите и македонската економија.

  1. SmartClick е дел од индустрија која постојано се менува и бара брзи адаптации. Како успевате да одржите континуитет во квалитетот и стабилноста на услугите во ваква динамична деловна средина?

Милан Савов: Во индустрија што се менува буквално секој ден, целта не е да се обидеме да ја контролираме промената, туку да ја прифатиме и да ја вградиме во самата култура на компанијата. Кај нас, континуитетот во квалитетот не зависи само од еден член на тимот, туку зависи од системи и процеси и јасно дефинирани одговорности кои функционираат дури и кога има турбуленции.

Квалитетот го одржуваме со една доста интересна матрица (наречена RACI – Responsible Accountable Consulted and Informed) преку која буквално секој знае за што е одговорен. Исто така, имаме јасно дефинирани SOP (Standard Operating Procedure) процедури, неделни ревизии и сесии за ревизија на успехот за секој тим посебно – SEO, маркетинг, продажба, итн.

Секој во SmartClick знае што е негов фокус и како неговата работа влијае на клиентот. Наместо да трчаме по што повеќе клиенти, ние се посветуваме на помал број партнери за да станат поуспешни. Токму тоа ни дава стабилност дури и кога трендовите се менуваат. Нашиот фокус е секогаш на 3 места: да дадеме вредност на клиентот, да бидеме конзистентни во изведбата и квалитетот, и да имаме мерливи резултати за бизнисот севкупно. Континуитетот не го градиме преку контрола, туку преку конзистентност.

За нас не е важно само да носиме посета или видливост, туку тоа да резултира со некаков мерлив резултат за клиентите, како на пример: зголемена продажба, зголемен промет итн. Нашата мисија е секој клиент да добие мерлив резултат: не само посета, туку зголемен приход и вистински раст.

  1. Во време кога технологијата и дигиталната трансформација стануваат неопходност, на кој начин SmartClick ги предвидува и интегрира идните трендови за да остане чекор пред конкуренцијата?

Милан Савов: Не чекаме трендовите да не’ стигнат. Напротив, ние ги тестираме пред да станат тренд. Кога ќе забележиме простор каде технологијата, особено AI, може да ја зголеми ефикасноста без да го намали квалитетот, веднаш превземаме чекор да интегрираме некој нов тренд.

Тестираме алатки и процеси без притисок дека мораме да ги имплементираме веднаш. И само кога сме сигурни дека нешто навистина додава вредност, го интегрираме во нашиот систем, без оглед дали се работи за AI интеграции во SEO процеси, анализа на податоци или автоматизација во внатрешна комуникација. Истражуваме и применуваме LLM-driven стратегии за содржини, но со јасна граница: креативноста и финалниот допир секогаш да бидат човечки.

  1. Како лидер на компанијата, кои вредности и принципи се најважни за Вас кога градите корпоративна култура и го инспирирате Вашиот тим?

Милан Савов: Во SmartClick, културата се темели на четири вредности: постигнувања, раст, страст и интегритет.

Сакаме секој член на тимот најпрво лично да постигне нешто за себе, затоа што кога човек има лична мотивација, таа природно се претвора и во резултат за компанијата, бидејќи ако не е мотивиран да постигне за себе, нема да има мотивација да постигне ни за компанијата. Ако секој член на тимот го оствари ова како прва и најважна вредност, тогаш ќе се потруди да даде повеќе и за клиентите, бидејќи наша крајна цел е да донесеме резултати на самите клиенти.

Втората вредност е раст преку учење. Во SmartClick нема место за статичност. Луѓето што не растат, стагнираат. Токму затоа секој е охрабрен постојано да истражува, да тестира, и да се усовршува. Ако секој член на тимот биде ориентиран на личен раст и учење, со тоа ќе допринесе и за развој на компанијата и на самите клиенти.

Третата вредност е страст. Ако не си страствен во тоа што го правиш, нема да имаш енергија да се вложиш во работата, а со тоа нема да бидеш од помош ни на тимот, ни на клиентите.

И на крај, исто важни се и интегритетот и отворената комуникација. Во SmartClick имаме искрена култура на фидбек, не само внатре во тимот туку и со клиентите. Сакаме и практикуваме секој со секого да биде искрен и отворен. Мојата улога како лидер е да го извадам најдоброто од секој член на тимот и да ја создадам таа средина во која луѓето не се плашат од грешки, туку ги споделуваат и учат од нив.

  1. Што, според Вас, ја прави SmartClick препознатлива и различна на пазарот? Дали тоа е пристапот кон клиентите, тимот, иновативноста или можеби нешто друго што е дел од идентитетот на компанијата?

Милан Савов: Нашата препознатливост и различност на пазарот се состои во тоа што SmartClick не е класична агенција. Ние сме партнер за раст и развој. Се трудиме да сме длабоко инволвирани во бизнисот на клиентот: се соживуваме со неговата мисија, визија и цели и стануваме интеграција на неговиот тим.

Ние не продаваме ниту ветуваме „посети“ на сајтот на клиентот, туку градиме системи за предвидлив раст, односно веб-страници коишто не само што носат сообраќај, туку создаваат прилики за продажба и зголемување на приходот. Нашата препознатливост лежи во тоа што не градиме краткорочни односи за еден проект, туку остваруваме долгорочна соработка со нашите клиенти. Клиентите со кои почнуваме да работиме, остануваат со нас, бидејќи гледаат резултати и чувство на заеднички цели. Нашата крајна визија не е да се поврзиме краткорочно со клиентите, туку сакаме да станеме интегриран дел од нивниот тим.

  1. Во последниве години, се забележува раст на македонски компании кои стануваат конкурентни на меѓународно ниво. Каков е придонесот на SmartClick во развојот на локалната економија и поддршката на домашните партнери?

Милан Савов: Иако работиме со меѓународни SaaS компании коишто се познати на светско ниво, нашата основа е во Македонија. Во текот на мојата кариера, јас сум бил и вработен во компанија во Македонија, сум бил фриленсер и исто така сум работел и за странски компании. Меѓутоа, целта ми е тука во Македонија да создадеме високо-платени позиции и можности за талентирани луѓе кои сакаат да растат во рамки на нашата визија. Токму затоа не сме се ни обиделе да вработуваме луѓе од странство.

Јас лично разговарам со секој член од тимот, и тоа не само за постигнати резултати, туку и за личен развој, ментално здравје и сопствени цели. А истото го правам и за заедницата. Отворен сум секогаш кога ми пристапуваат да дадам што е можно повеќе. Така се гради култура на доверба.

Но придонесот не застанува тука. Активно учествуваме на локални и меѓународни настани како панелисти, спонзори и ментори.

Јас сум исто дел од Mastermind група и програма како ментор којшто им помага на бизнисите во Македонија да се позиционираат подобро, да направат подобра понуда којашто ќе рефлектира и ќе комуницира со нив на идеалната публика.

Исто така од скоро сум и водител на подкастот Leaders of Growth. Иако гостите се од странство, советите што ги даваат се од голема вредност и за бизнисите тука во Македонија, без разлика дали се од IT, SaaS или маркетинг.

Исто така, имам сопствена mastermind група на The Visionary Circle со нашите топ клиенти каде неделно се среќаваме и ги споделуваме нашите најголеми успеси, предизвици и сите заедно си помагаме за да ги надминеме тие предизвици и им помагаме на другите компании во Македонија да се развиваат. А во исто време, и нашите клиенти се поврзуваат меѓусебе и си отвараат простор за соработки. 

Нашата порака е едноставна: глобален успех може да се гради и од Македонија: со систем, дисциплина и јасна визија. Токму затоа сакаме да сме пример што другите ќе го следат.

  1. Од перспектива на искусен бизнис лидер, што сметате дека ѝ недостига на македонската бизнис заедница за да го забрза својот развој и како компаниите како SmartClick можат да помогнат во тоа?

Милан Савов: Она што најмногу и недостига на бизнис заедницата (а и на Македонија) е долгорочна визија и системско лидерство. Премногу компании размислуваат „од денес за утре“, без да градат системи, процеси, и организациска култура и структура. Накратко, може да се каже дека едвај преживуваат и при првиот поголем предизвик, целиот модел може да се сруши.

Во SmartClick сакаме да покажеме дека професионалноста, транспарентноста и дисциплината носат резултати и на меѓународно ниво. Верувам дека ако секој лидер се обиде да создаде уште неколку лидери околу себе, самите компании ќе бидат независни од тој еден човек врз кој најчесто паѓа целиот товар. На таков начин и Македонија за 5-10 години би имала многу повеќе лидери и би имаме економија со далеку поголем капацитет.

Она што го гледам при посета на настаните во странство е култура на соработка, а не на конкуренција. Таму заедниците и компаниите се поддржуваат, си помагаат, несебично споделуваат искуства и информации, и заедно решаваат проблеми. Ако го изградиме тој менталитет и кај нас и ако сме отворени константно да си помагаме едни на други, ќе напредуваме сите многу побрзо и ќе дојдеме до посакуваниот успех.