15.10.2025

Интервју: Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на Макстил 

КАКО МАКСТИЛ ГО ГРАДИ СВОЕТО ЛИДЕРСТВО ВО ЕРА НА ГЛОБАЛНИ ПРЕДИЗВИЦИ? 

Во време на динамични промени во глобалната економија, Макстил, како еден од најважните индустриски капацитети во Македонија, повеќе од три децении успешно докажува дека одржливото работење е можно и во турбулентни услови. Денес, компанијата е препознаена не само како лидер во челичната индустрија, туку и како двигател на циркуларната економија во државата – единствена фабрика која своето производство го базира на рециклирано старо железо. За тоа како компанијата се позиционира во ерата на енергетска и еколошка трансформација, со какви предизвици се соочува во однос на СВАМ регулативата, кои се плановите за инвестиции и како се гради корпоративната култура што ги поддржува вработените и создава нови генерации на стручни кадри, зборуваме со Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на Макстил. 

  1. Какво значење има поимот „лидерство“ за Макстил во периодот на глобална и локална трансформација на металната индустрија, со оглед на притисокот од регулативи како што е CBAM? 

Во услови на интензивна трансформација, да се биде лидер во компанија од областа на челичната индустрија, како што е Макстил, значи многу повеќе од управување со деловните операции. Конкретно, би кажала дека тоа е способност и флексибилност за брзо прилагодување кон глобалните промени, притоа имајќи јасна визија, стратегија и секако вклучување на сите вработени и нивна поддршка при спроведување на промените. Едновремено тоа, значи градење на релации на доверба со вработените и умешност да се комуницира на отворен начин. Сметам дека само компаниите кои се доследни, и поттикнуваат култура на интегритет умеат да го мотивираат и поддржат тимот на патот кон остварување на компаниските цели.  

Инаку, притисокот во однос на воведувањето на „Прекуграничниот механизам за прилагодување на јаглеродни емисии“ (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), го почувствувавме уште на крајот на 2023 година кога беше најавена првата фаза на оваа регулатива и веднаш почнавме со подготовки за пресметка на јаглеродните емисии, така што можам слободно да кажам дека благодарение на адаптабилноста на нашиот тим во транзициониот период ги направивме сите потребни чекори. Пресметките се веќе подготвени, согласно методологијата на самата директива, направена е и пред верификација и официјалниот старт за примена на регулативата од страна на ЕУ, кој е предвиден за јануари 2026 ќе го дочекаме спремни.  

Воведувањето на оваа регулатива би значело гаранција дека компаниите првично во петте сектори кадешто ќе се применува (енергија, метална индустрија, индустријата за ѓубрива, потоа алуминиумската и цементната индустрија) ќе плаќаат надоместок за вградените јаглеродни емисии, кој е споредлив со надоместокот, кој го плаќаат и производителите во Европската Унија согласно Емисиониот трговски систем на ЕУ. 

Би сакала да истакнам дека во компанија од областа на челичната индустрија, како што е Макстил, промените се неизбежни, но силното и храбро лидерство е клучно за успешно справување со регулативите и градење одржлива иднина. 

  1. Во првото полугодие од годинава повторно покажавте добри финансиски резултати. Каква е моменталната состојба и главните ризици во глобалната челична индустрија, и каде во тоа се вклопува Макстил?  

Макстил во првата половина од годината оствари позитивни финансиски резултати благодарение на производството кое ги надмина нашите планови. Производството на дебели лимови забележа раст од 5 отсто во однос на истиот период лани, а производството на челичните слабови забележа раст во однос на плановите на компанијата за 7 отсто. Додека приходи од работењето бележат зголемување за 14 отсто во однос на истиот период ланската година. 

Во периодот кој следи челичната индустрија ќе продолжи да се соочува со структурни предизвици и потреба од трансформација. Производствените капацитети растат, но нивната искористеност се очекува да се намалува, главно поради засилената конкуренција од азиските земји. Како одговор на тој капацитет, многу актери, меѓу кои и Европската Унија спроведуваат антидампинг мерки, воведуваат царини и активираат механизми, како што е CBAM, за којшто зборувавме погоре, со цел да се намали увозот на челик со висок јаглероден отпечаток и да ги заштитат домашните производители. Во овој контекст е и најновиот предлог на Европската Комисија, која предложи намалување на квотите за увоз на челик без царина за речиси половина, заедно со удвојување на царината надвор од квотата на 50%, во обид да ги заштитат производителите на челик во Европската Унија. Предлогот доколку добие одобрение од владите на ЕУ и Европскиот парламент, се очекува да стапи на сила од почетокот на наредната 2026 година. Со преполовувањето на квотата, Макстил ќе биде ставен пред сериозен предизвик, кој би можел да се одрази на текот на нашето работење.  

Стратешки гледано, главниот правец на развој на челичната индустрија во наредниот период останува јасен – забрзана декарбонизација, иновации, одржливост и глобална конкурентност.  

Во овој контекст, Макстил има јасна предност, бидејќи се работи за индустриски капацитет, којшто користи електролачна печка, а како главен влезен материјал во производството користи рециклирано старо железо, со што значително ги намалува емисиите и ја потврдува својата улога како лидер во циркуларната економија во земјата. Тоа овозможува компанијата полесно да се прилагоди на европските правила и да гради конкурентност на пазарот.  

  1. Декарбонизацијата е тема што расте во значење. Какви чекори презема Макстил за намалување на емисиите и прилагодување кон зелените цели? 

Во рамки на процесот на декарбонизација и усогласување со европските и националните политики за енергетска транзиција, компаниите преземаат сè поамбициозни мерки за намалување на јаглеродниот отпечаток. 

Макстил, како еден од водечките производители на челик во регионот, континуирано инвестира во модернизација на своите производствени процеси преку имплементација на проекти поврзани со поддршка на зелената агенда и декарбонизацијата.  

Конкретно, кај нас во Макстил во двата погона, во тек се неколку проекти врзани со декарбонизацијата меѓу кои, ќе ги споменам инсталирањето на најмодерна ножица за сечење на топло валани лимови, интегрирањето на системот за ексцентрично леење на течен челик, вградувањето на новите енергетски ефикасни пумпи во системот за третман на вода, како и надградбата на автоматскиот систем на потисната печка. Со имплементацијата на споменатите проекти ќе се обезбеди до 10% намалување на потрошувачката на електрична енергија и до 15% заштеда во потрошувачката на природен гас, при што се намалуваат и директните јаглеродни емисии, а нашиот финален производ топловалан дебел лим ќе стане поконкурентен на европскиот пазар, а во крајна линија, што е многу значајно, ќе постигнеме уште поголемо намалување јаглеродниот отпечаток. 

Со овие активности, Макстил ја потврдува својата долгорочна посветеност кон одржливи деловни практики, обезбедувајќи вредност за идните генерации. 

  1. Во услови кога општеството понекогаш нема цврсто поставени етички и морални норми, каква е вашата визија за улогата на лидерите и какви конкретни практики на етика и морал применува Макстил? 

Како генерален директор, верувам дека менаџментот на компаниите вклучително и нашата, треба да биде насочен кон остварување на резултатите, но истовремено да биде пример за тоа како се гради доверба, транспарентност и меѓусебна почит во секојдневното работење и над се целокупното работење да биде во насока на остварување на компаниските цели и вредности. 

Во нашата компанија, етиката не е само декларативна вредност, туку таа е составен дел од нашата стратегија и култура. Затоа, од неодамна имаме воспоставено платформа за пријавување на неетичко однесување, а оваа иницијатива е дел од нашата посветеност кон високите стандарди на работење и интегритет. Сите засегнати вработени и надворешни соработници имаат можност да поднесат пријава за неетичко однесување или сомнеж за евентуално неетичко постапување во работењето на Макстил. Компанијата се разбира гарантира целосна анонимност за укажаната доверба. Оваа иницијативата беше поттикната од нашиот стремеж кон градење подобра корпорациска култура и етика. При донесувањето на одлуките секогаш ги земаме предвид интересите на заедницата, клиентите и вработените и не правиме компромис со вредностите за краткорочен профит. 

Во секојдневното работење, се трудам да бидам пример за етичко однесување, преку транспарентна комуникација и фер третман на сите вработени, без разлика на позицијата. Имајќи ги во предвид барањата за автентичност и морална доследност на новите генерации, се стремиме нашата компанија да не биде само место каде што вработените доаѓаат да работат, туку да веруваат во она што го правиме. Градејќи култура на вредности, не само што тежнееме да ја зајакнеме нашата репутација, туку и да привлекуваме и задржуваме талентирани кадри, да поттикнуваме иновации и го трасираме патот за долгорочен успех. 

  1. Како инвестициите во човечкиот капитал се вклопуваат во овие стратегии, и како Макстил работи на развој на кадар што ќе ја носи оваа трансформација?  

Нашата стратегија за човечки ресурси ја градиме на три нивоа: привлекување на квалификувани кадри и млади таленти, континуирана обука и менторство од искусни инженери и техничари, програми за личен и професионален развој и проектно работење. 

Во изминатата година, компанијата интензивно работеше на креирање програми за  развој на човечките ресурси, со посебен акцент на обуката за ментори. Целта на овој проект е олеснување на процесот на интеграција на новите вработени, преку поддршка од искусни колеги, кои го пренесуваат не само знаењето, туку и новата организациска култура и вредностите на Макстил. 

Во насока на модернизација и зголемување на ефикасноста, инвестираме во развој и обуки на вработените и воведуваме нови пристапи кон работењето. Преку комбинација на технички, безбедносни, лидерски обуки, креираме култура на постојан раст и размена на знаење, при што во иднина очекуваме вработените да бидат активни носители на подобрувањата и иновациите. 

Исто така, во последниот период активно воведуваме проектно работење како модел кој обезбедува побрзо, пофокусирано и покоординирано делување. Ова овозможува вработените од различни сектори да работат заедно на остварување на заедничките цели, споделувајќи знаење и искуство, со јасно дефинирани задачи, рокови и очекувани резултати. На овој начин се зголемува динамиката во работењето, се подобрува меѓусекторска комуникација, се поттикнува тимскиот дух и чувството на лична одговорност. 

  1. Каква е вашата порака до индустријата и регулаторите за иднината на челикот во регионот? 

Сметам дека индустријата, заедно со државните институции, треба да обезбеди јасен патоказ за вложување во декарбонизација, поддршка за модернизација, и да воспостави механизми што го почитуваат регионалниот контекст. Дополнително, важно е да се напомене дека и во иднина ќе ја унапредуваме и продлабочуваме соработката со партнерската соработка со земјите од Западен Балкан со цел заедничка одбрана на нашите интереси, особено во периоди кога неправедно и неосновано Европската Унија воведува дополнителни царински оптоварувања и квоти. Тоа е единствениот начин да ја задржиме индустријата како гранка во нашата земја, да ги одржиме работните места, да ги исполниме амбициите за нискојаглеродна економија, и да обезбедиме  почиста и поздрава животна средина за сите граѓани.