16.09.2025

ИНТЕРВЈУ I АНЕТА КОРОБКИНА: Успехот не е спринт, туку маратон

Лидерство, ориентираност, мотивација, лична ефикасност… тоа се сферите кои ги проучува и ги владее Анета Коробкина. Поседува големи знаења и како меѓународен коуч за трансформација ги пренесува на многумина. Зад себе има повеќегодишно искуство како консултант, бизнис тренер и спикер на конференции, форуми, корпоративни настани и семинари. Автор е на книгите „Прекрасно! Правила на услугата, како тоа го направиjа светските лидери“ и „Карта за лоjалност”.

Ќе учествува и на големата конференција „Бизнис Лидер“ што утре ќе се одржи во Скопје. „Кога ќе се сретнат визии, се раѓаат нови можности“, вели Коробкина во интервјуто за порталот Пари, каде што препорачува: „Не плашете се да почнете од мали чекори, но секогаш поставувајте си големи цели!“.

1. Како меѓународен коуч за трансформација, што Ве инспирира најмногу кога на едно место се собираат лидери од различни индустрии, на големи настани како „Бизнис Лидер“?

Коробкина: Сум била учесник и говорник на многу големи настани и она што ме инспирира е тоа дека кога ќе се сретнат визии, се раѓаат нови можности. На настани како „Бизни Лидер“ најголемата магија е енергијата на различноста, секој лидер носи уникатна перспектива, споделува искуство, мислење, а тоа ја зголемува иновацијата и мотивацијата за промени.
Убаво е чувството кога заедно создаваме нова иднина, каде што индустриите се вкрстуваат и градат нешто поголемо. Меѓутоа, по ваквите настани, најважно од сѐ се дејствијата што секој од лидерите ќе треба да ги преземе за да се видат реални трансформации кон подобро.

2. Кои се најчестите предизвици што ги имаат лидерите денес и како може да ги претворат во можности?

Коробкина: Од она што постојано го читам, следам, а најмногу го добивам лично преку мојата работа со лидерите, е предизвикот на брзите промени, нестабилноста, заморот и прегорувањето (ова го има и во извештајот на Deloitte, 2023 година, каде што 60% од лидерите признаваат дека чувствуваат хроничен стрес), како и работата со генерациски различности и култури. Во некои тимови има дури четири генерации, а за културите исто така, дури и каj нас доаѓa допрва да учиме како да се работи со различни култури. За мене лично предизвикот не е непријател – тоа е најдоброто огледало на нашата сила и каде може да растеме и да го развиеме нашиот потенцијал. Само треба да знаеме и да прифатиме дека во животот нема ништо постабилно од промените, да се смириме и да не допуштиме да нѐ потопи брзината на движењето на светот.

3. Се вели дека личната трансформација е предуслов за организациски промени. Како еден лидер може да го започне тој процес за да стане подобар визионер и мотиватор?

Коробкина: Искрено ќе кажам дека не можеш да го водиш тимот кон победи ако прво не научиш да се водиш себеси. А, тоа е постоjана работа, секоjдневно. Имам лидери во коучинг на корпорации кои вртат милионски суми и ним им е потребен водич коj ќе им помогне да се носат со секоjдевните предизвици, особено со длабочината на личната трансформациjа која денес го бара тоа од секој лидер. Организациите не се менуваат – луѓето во нив се менуваат.

Лидерот треба да почне од:
– Самосвест – искрен поглед во своите силни и слаби страни, длабоко да се спознае себеси.
– Емоционална интелигенција – истражувањата на Daniel Goleman покажуваат дека 90 отсто од разликата помеѓу добар и одличен лидер доаѓа од емоционалната интелигенција. Ова е нешто на кое работам со могу лидери.
– Визија и смисла со автентична комуникациjа – кога личната мисија ќе се поврзе со организациската, се раѓа инспирација која ги движи другите.

4. Што би им порачале на младите претприемачи за да останат мотивирани и доследни на своите идејни замисли и проекти?

Коробкина: Think big start small! Не плашете се да почнете од мали чекори, но секогаш поставувајте си големи цели. Мислам дека денес е најважно да останат доследни и мотивирани. Денес младите сакаат многу брзи резултати, особено кога имаат постоjан голем притисок од социjалните мрежи, кадешто сѐ изгледа совршено и сите во сѐ успеваат. Не потпаѓаjте на оваа замка, затоа и многумин jа губат мотивациjата. Не чекајте сѐ да е совршено за да излезете на сцена. Сѐ се менува и учи преку дејствијата. Jас изградив личен бренд од нула сама во Русиjа, кадешто доjдов со незнаење на рускиот јазик, а денес сум една од повлијателните ликови во сферата на лидерството и клиентската услуга, со напишани и издадени две книги. Успехот не е спринт, туку маратон – секој чекор е дел од големата слика. Опкружете се со ментори и со луѓе кои веруваат во вас.

Извор: pari.com.mk