20.10.2026

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ЈА РАЗВИВА РОБОТСКАТА ХИРУРГИЈА – НОВА ЕРА НА ПРЕЦИЗНА И МИНИМАЛНО ИНВАЗИВНА ХИРУРГИЈА

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ отвори ново поглавје во развојот на современата хирургија со воведувањето на роботскиот систем MedBot Toumai® и формирањето на Центар за роботска хирургија. Со оваа инвестиција, напредната роботски асистирана хирургија за првпат стана достапна во Македонија, а „Аџибадем Систина“ стана единствен центар од ваков тип во Македонија, Косово и Албанија.

Воведувањето на роботската хирургија не претставува само имплементација на нова технологија, туку развој на современ хируршки концепт што ги обединува напредната медицинска технологија, знаењето и искуството на хируршките тимови и континуираната професионална едукација. Уште во фазата на имплементација, хирурзи од болницата поминаа низ специјализирана обука за работа со роботската технологија, со цел нејзина безбедна и постепена примена во различни хируршки области.

Роботскиот систем Toumai® овозможува тридимензионална визуализација со висока резолуција, повеќекратно зголемување на оперативното поле и исклучително прецизни и стабилни движења на инструментите. Роботот не работи самостојно – хирургот ја има целосната контрола и преку специјализирана конзола управува со секое движење на инструментите. На овој начин се овозможува висока прецизност и при интервенции во анатомски тешко достапни региони, со можност за максимално зачувување на околните нерви, крвни садови и ткива.

За пациентите, роботски асистираниот минимално инвазивен пристап носи повеќе придобивки – помали оперативни резови, помала загуба на крв и постоперативна болка, намален ризик од компликации, пократок престој во болница и побрзо враќање на секојдневните активности.

ОД ПРВАТА РОБОТСКА ОПЕРАЦИЈА ДО ПРОШИРУВАЊЕ НА СПЕКТАРОТ НА ИНТЕРВЕНЦИИ

Првата роботски асистирана операција во „Аџибадем Систина“ беше радикална простатектомија со роботски асистирана лапароскопска лимфаденектомија кај 57-годишен пациент – комплексна интервенција за третман на карцином на простатата. Со оваа интервенција започна практичната примена на роботската хирургија во клиничката работа на болницата. Развојот на роботската хирургија продолжи со нејзина примена и во хирургијата на бубрегот. Уролошкиот тим на „Аџибадем Систина“ изведе роботски асистирана нефректомија кај 59-годишна пациентка со комплексен тумор на бубрег.

Покрај уролошките роботски асистирани интервенции, во „Аџибадем Систина“ успешно се изведуваат и гинеколошки роботски асистирани интервенции. Со примената на овие интервенции, Центарот за роботска хирургија постепено го проширува опсегот на процедури и ја интегрира оваа технологија во современата хируршка практика на болницата.

Со инвестицијата во роботската технологија, континуираната едукација на медицинските тимови и постепеното воведување нови и покомплексни процедури, „Аџибадем Систина“ ја развива роботски асистираната хирургија како значаен дел од својата современа хируршка практика, со цел пациентите од земјата и регионот да добијат пристап до прецизно, безбедно и минимално инвазивно хируршко лекување според современите медицински стандарди.