Макстил – Регионален лидер во челичната индустрија и двигател на циркуларната економија во Македонија
Во свет каде индустриските компании постојано се соочуваат со предизвици поврзани со иновациите, ефикасноста и одржливоста, Макстил безмалку три децении претставува пример за тоа како еден индустриски гигант може да изгради позиција на лидер во својот сегмент. Со континуирани инвестиции, визија за иднината и посветеност на вработените, животната средина и заедницата, компанијата денес е препознаена како еден од најзначајните економски двигатели во Македонија, но и како партнер кој гради европски стандарди во индустријата на челикот.
Лидерство преку нови модели на работа
Она што ја издвојува Макстил од другите компании во секторот е флексибилноста да се менува и постојано да го прилагодува начинот на организација и управување согласно динамичните пазарни услови. Поттикната од својата посветеност на иновации и извонредност, компанијата значително ги зголемува инвестициите во обука и професионален развој на вработените. Воведува нови пристапи кон работењето преку поврзување на учењето со практичните потреби на производството, ја поттикнува тимската работа и проектното управување. Понатаму, преку комбинација на технички, безбедносни и лидерски обуки, како и менторски програми, Макстил почнува да креира култура на постојан раст и размена на знаење. На тој начин, вработените стануваат активни носители на подобрувања и иновации, а компанијата го зајакнува својот човечки капитал како најголема компаниска вредност и предуслов за долгорочен успех.
Дополнително, во Макстил менторството станува значаен сегмент во секојдневната работа на компанијата. Во услови кога недостигот на квалификувана работна сила претставува предизвик за компаниите од металната индустрија. Макстил почнувајќи од минатата година, многу посветено работи на програми за раст и развој на човечките ресурси, со акцент на обуката за ментори. Проектот е од исклучително значење, бидејќи е во функција на поддршка и интеграција на новите вработени, сѐ со цел олеснување на процесот на нивна адаптација и интеграција, преку поддршка од искусни колеги кои го пренесуваат не само знаењето, туку и организациската култура и вредностите на Макстил.
Со цел воспоставување современи и поефикасни модели на управување, компанијата во последниот период активно го имплементира проектниот пристап како модел на работа, којшто овозможува побрзо, пофокусирано и подобро координирано делување. Овој пристап овозможува вработените од различни сектори да соработуваат на заедничките цели, споделувајќи знаење и искуство во рамки на јасно дефинираните работни задачи, рокови и очекувани резултати. На тој начин се поттикнува креативноста, иновацијата и чувството на лична одговорност.
Проектното работење во компанијата не претставува само организациски модел, туку и начин на размислување, насочен кон решенија, ефикасност и колективен успех. Ваквиот пристап создава поголема динамика во работењето, придонесува за унапредување на меѓусекторската комуникација, овозможува појасна ориентација кон резултатите и го зајакнува тимскиот дух.
Единствен лидер во циркуларната економија
Клучна стратегиска вредност на Макстил е неговата посветеност на принципите на циркуларната економија. Компанијата е единствената во државата, која како основен влезен материјал користи рециклирано старо железо, што ја потврдува јасната стратегија за одржливост и грижа за животната средина.
Со примена на овој концепт во работењето, се намалува негативното влијание врз животната средина, а старото железо добива нов живот во форма на челик со највисок квалитет. Во Макстил кругот на циркуларната економија е целосно затворен односно отпадните материјали, кои остануваат од производниот процес, стануваат секундарни суровини и се употребуваат во други индустрии. Така на пример, филтерската прашина, наоѓа примена во индустријата за олово и цинк, коварината понатаму се користи како секундарна суровина при производството на челик од железна руда во високи печки. Додека троската е сертифициран продукт, кој не се третира како отпад, туку секундарна суровина која може да се употреби како тампон во индустријата за изградба патишта.
Ваквиот модел го прави Макстил еден од клучните столбови на циркуларната економија не само во Македонија, туку и пошироко во регионот. Преку примената на концептот на циркуларност, освен што се намалува количината на индустриски отпад, дректно се придонесува за сочувување на природните ресурси и минимизирање на еколошкиот отпечаток.