„Тиквеш“ – 140 години бескрајна страст, визија и извонредност
Годинава, „Тиквеш“ со гордост одбележува 140 години винска традиција, преточена во квалитет, современост и глобална препознатливост.
Повеќе од еден век, „Тиквеш“ ја раскажува својата винска приказна – приказна за луѓе, лозја и визија. Од првите чекори на организираното производство на вино до денешното место меѓу водечките светски вински брендови, компанијата останува доследна на својата мисија: да создава вина што ја носат автентичноста на македонското поднебје, подигната на највисоко ниво на извонредност. Она што го прави „Тиквеш“ уникатен е спојот на 140-годишната традиција со најсовремените трендови во енологијата и лозарството. Винарската визба расте заедно со своите лозја, луѓе, партнери и потрошувачи, градејќи наследство втемелено во страст, посветеност и доверба.
Во изминатите две децении, „Тиквеш“ реализираше инвестиции од над 45 милиони евра, насочени кон модернизација, дигитализација и создавање вина со врвен квалитет. Истовремено, компанијата воведе современи практики во лозарството, создаде партнерства со лозарите и вложи во развојот на експертски тим составен од врвни домашни и странски професионалци. Овие стратешки насоки ја трасираа трансформацијата на „Тиквеш“ во регионален лидер и глобално афирмиран бренд, чие премиум портфолио денес е препознаено по современиот стил и автентичност, а го сочинуваат вина што освојуваат највисоки оценки и признанија од водечки светски вински критичари, меѓу кои и Роберт Паркер.
„Тиквеш“ денес е конгломерат од неколку винарници и поседи во Македонија – Лепово, Барово, Бела вода, Бабуна, а аквизицијата на француската винарница „Château de Gourdon“ го потврди интернационалниот карактер и визијата на „Тиквеш“ да биде бренд што ја спојува традицијата со светските стандарди на извонредност. Повеќе од половина од приходите на компанијата потекнуваат од извоз, кој во 2024 година достигна 32,7 милиони евра, а вината на „Тиквеш“ се присутни на пет континенти и винарницата бележи континуиран раст на продажбата на најпребирливите светски пазари.
Со поглед насочен кон иднината, „Тиквеш“ продолжува да вложува во обновливи извори на енергија, технологии за намалување на јаглеродниот отпечаток, прецизно лозарство и органско производство – поставувајќи нови стандарди за одржлив развој и зелена трансформација на винската индустрија во Македонија и регионот. Одржливоста е едно од основните начела за обезбедување континуиран развој во годините што доаѓаат. Раководејќи се од него, „Тиквеш“ е првата винарница во овој дел од Европа што ги воведе ЕСГ-стандардите во своето работење и се приклучи кон целта за постигнување нето-нула емисии до 2050 година, зацврстувајќи ја својата определба за општествена одговорност и грижа за животната средина, ресурсите, заедницата и планетата во целина, создавајќи перспективна иднина за идните генерации.
Под слоганот „Бескрајно твој“, „Тиквеш“ останува бескрајно посветен на луѓето, лозјата и вината – на сите што со љубов ја споделуваат неговата винска приказна, што 140 години инспирира, поврзува и создава извонредност.