fbpx

15.10.2024

Традицијата и квалитетот како основа на успехот: Интервју со Ѓорѓи Петрушев, Генерален директор на Млекара АД Битола

Ѓорѓи Петрушев, Генерален директор на Млекара АД Битола

Денар: Како Млекара АД Битола ја одржува својата лидерска позиција на пазарот и кои се вашите стратегии за одржување на конкурентноста?

Ѓорѓи Петрушев: Битолска млекара е лидер во млечната индустрија на домашниот пазар и тоа е видливо во повеќе аспекти од нашата работа. Дали ќе започнеме од бројот на млечни производи што секојдневно ги пласираме, или ќе зборуваме за присуството на пазарот и тоа што секојдневно снабдуваме повеќе од милион потрошувачи. Но, освен преку бројките, нашата водечка позиција се гледа и преку нашите стратешки определби. Создавањето млечни производи со врвен квалитет е она што најдобро го знаеме и што го правиме, а истото е мотивирано од потрошувачите. Значи, нема тука некоја голема филозофија. Пазарот има потреба од различни производи, потрошувачите имаат потреба и бараат млечни производи со врвен квалитет, на кои им веруваат и ние тоа го создаваме. Најголемата конкурентност на еден производ произлегува од квалитетот, тоа е она што ние го правиме, низ целиот процес од фарма до трпеза и тоа е изворот на нашата конкурентност. Годините искуство, традицијата и вложувањето во производните процеси, само ја поттикнуваат оваа конкурентност и помагаат во нејзиното одржување и зацврстување.

Денар: Како вашата компанија го поддржува развојот на бизнис заедницата во Македонија, особено во агро-индустрискиот сектор?

Ѓорѓи Петрушев: Развојот на бизнис заедницата и локалното стопанството е во фокусот на нашата работна стратегија. Иако работата во млечната индустрија, само по себе претпоставува врзување во ланец на набавка и достава, сепак ние тоа го правиме на начин да создадеме простор и можности за развој за сите вклучени во процесот. Први и може да кажам најгоре на скалата по приоритетност ни се фармерите, како наши партнери и соработници. Но, притоа за нив имаме создадено цела програма со која се помага и се поттикнува нивната одржливост и развој. Од едукации, советување, помош за набавка на квалитетна храна, преку кредитни линии, па се до нивно снабдување и донирање на опрема, вклучително и врвни технологии како што се роботи за измолзување, грант компоненти за набавка јуници и слично. Нашата поддршка за фармерите ја има во секоја форма и важно е тоа што ова не е само некоја еднократна помош, туку тоа се мерки со кои со влијае на нивната одржливост и развој. Се создаваат услови за економско зајакнување на фармерите и нивен натамошен развој. Оваа наша програма за фармерите, добива на значење и тежина, затоа што улогата на фармерите не е важна и клучна само за Битолска млекара, туку за целата млечна индустрија. За одржувањето на млекопроизводството мораме да имаме пред се примарно млекопроизводство, фарми со молзни крави и фармери што тоа ќе го работат, со модерен менаџмент на фарми. За сите преработувачи на млеко да го откупуваат и преработуваат млекото на домашните фармери, наместо да се увезува. Затоа целиот наш фокус, како компанија е насочен на одржувањето на македонските фарми и зајакнување на овој сектор.

Денар: Кои се најголемите придобивки од учеството на Млекара АД Битола во проектот „Бизнис лидер“ и како тоа се рефлектира врз вашата компанија?

Ѓорѓи Петрушев: Како човек што во повеќе од 20 години работи во водечки компании од сферата на производството и агро-бизнисот, силно верувам во моќта на некој надворешен поттик или мотивација. Бизнис лидер е навистина собир на најголемите од големите и во ова завидно друштво на лидери во различни индустрии и сектори, може да се гледа само како на соочување односно претставување на секој што постигнал нешто во одредено поле. И тоа за сите нас, што сме дел од овој проект е своевиден поттик, да го претставиме она што сме го достигнале но, исто така и да можеме да одредиме каде би се движеле, како да го задржиме и надградиме овој статус на лидер. Верувам дека истата улога и значење ги имаме и ние, како лидер во млечната индустрија врз другите компании.

Денар: Како ја промовирате иновацијата во Млекара АД Битола и кои се најзначајните иновации што сте ги вовеле во последните неколку години?

Ѓорѓи Петрушев: Иновативностa најмногу се гледа во подготвеноста на компанијата да одговори современите текови, тенденции или трендови. И ова се применува во сите аспекти на работењето, без разлика дали станува збор за производите, производните процеси и пак општествената одговорност и функција на компанијата. Иновативноста во производството, со нови производи кои се дел од современите трендови во исхраната, е веќе присутна во нашето портфолио и постојано се зголемува, соодветно она што како барање произлегува од пазарот или од потрошувачите. Притоа, доста време и енергија посветуваме и на предвидување на идните трендови, го следиме развојот на понапредните пазари, со цел да бидеме спремни и брзо да одговориме на барањата и потребите на потрошувачите. Во самиот производен процес применуваме напредни технологии, воведуваме иновативни репро-материјали и амбалажа, со што позитивно влијаеме врз домашниот пазар во подигнување на стандардите во млечната индустрија. А од неодамна и спроведовме и целосна енергетска трансформација така што ги адаптиравме енергетските постројки со што ги направивме енергетски ефикасни и станавме дел од друштвото компании кои придонесуваат за подобра заштита на човековата околина.

Денар: Како гледате на иднината на агро-индустријата во Македонија и која е улогата на вашата компанија во тоа?

Ѓорѓи Петрушев: Потребно е да почнеме сите да размислуваме како индустрија, а не само како една компанија што се бори на пазарот. Тогаш кога сите ќе излезат од размислувањето само за себе, кога ќе почнеме да разбираме дека функционираме во систем, во една индустрија каде секој друг учествува со свој производ или услуга и со тоа всушност е дел од целиот процес на производство и достава, ќе ја зајакнеме индустријата. Тоа Битолска млекара го прави со нашиот однос кон примарните млекопроизводители, со добавувачите и доставувачите на нашите производи. Овој принцип на соработка досега во нашето искуство се покажал како многу продуктивен и конструктивен. А во извесни аспекти се докажал и како клучен за сите вклучени ви млечната индустрија.

Преземено од порталот Денар, медиумски партнер на „Бизнис Лидер“.