fbpx

30.09.2024

Пивара Скопје – синоним за успешна компанија со долга традиција, лидерство и јасна визија за одржлив развој

Пивара Скопје е најголемиот домашен производител на пиво и безалкохолни пијалаци и  несомнено водечка компанија на целокупниот пазар на пијалаци во земјата…. и така е повеќе од 100 години. Од компанијата велат дека „иако на пазарот сме повеќе од еден век, штотуку почнуваме да се загреваме за иднината“. Црпејќи голема енергија од долгата компаниска традиција, благодарение на визијата и поддршката што ја добива од двете големи светски корпорации – Coca Cola HBC и HEINEKEN N.V. каде што припаѓа, Пивара Скопје е посветена на својот натамошен одржлив раст и развој на компанијата и задржување на лидерската позиција на пазарот, преку постојани вложувања во иновациите, развојот на човечките ресурси и градењето доверба и задоволство на купувачите и потрошувачите во уникатните вредности на своите брендови, како и во реализацијата на бројни општествено-одговорни проекти кои придонесуваат за просперитетот на заедницата.

Формулата на успехот на Пивара Скопје не е тајна. Тој се темели на четирите основни елементи кои останале непроменети во повеќе од едновековниот досегашен развој на компанијата, а тоа се: беспрекорниот квалитет на производите препознаен од потрошувачите; партнерскиот однос и креирањето заедничка вредност со купувачите; грижата, развојот и задоволството на  вработените; и несебичниот и искрен придонес кон заедницата.

Пристапот на Пивара Скопје кон потрошувачите е да им понуди пијалак за секоја прилика во текот на целиот ден – 24 часа, 7 дена во неделата, идентификувајќи ги и користејќи ги сите прилики во кои можат да бидат дел од искуствата на консументите. Следејќи го ваквиот пристап, компанијата нуди најшироко портфолио на пијалаци на пазарот, почнувајќи од пиво и негазирани и газирани сокови, вода, чаеви, енергетски и пијалаци за спортување, па сѐ до премиум жестоки пијалаци.  Во понудата на Пивара Скопје се наоѓаат и најпопуларните пива и безалкохолни пијалаци во земјава, во регионот и светот, како што се: автентичното СКОПСКО, кое годинава прославува 100 години постоење, глобално познатите Coca-Cola, Heineken, Amstel и многу други.

Се разбира, досегашниот успех на Пивара Скопје се должи и на континуираните иновации и обемните инвестиции во целокупна технолошка модернизација и дигитализација на сите процеси во компанијата и одржување долгорочни партнерски односи со купувачите, преку креирање дополнителна вредност за нив. „Иднината е дигитална, но ние во Пивара веќе ја живееме“, велат во компанијата, посочувајќи дека целата организација на работата е дигитализирана и интегрирана во еден систем, почнувајќи од првиот контакт со купувачите, планирањето и процесирањето на нарачките, преку производството кое е комплетно автоматизирано, па сѐ до управувањето со финансиите  и човечките ресурси.

Луѓето се еден од клучни вредности на кои се темели долгорочниот одржлив развој на Пивара Скопје. Грижата за вработените и нивната благосостојба, вложувањата во нивниот личен професионален развој, како и креирањето на атрактивна работна средина, се некои од основните постулати на компаниската култура на Пивара Скопје. Ваквите карактеристики ја истакнуваат Пивара Скопје како една од најпосакуваните компании за вработување и работа, особено за младите генерации кои бараат флексибилна, дигитална работна средина која нуди многу можности за стекнување нови знаења, вештини и уникатни искуства.

Пивара Скопје е благодарна на големата доверба и углед што го има во општеството и затоа чувствува голема потреба континуирано да возвраќа на таквата доверба, преку посветена работа и реализација на голем број општествено-одговорни платформи во области како што се: едукацијата и развојот на младите, обезбедување чиста животна средина и заштита на водните ресурси, унапредување на здравјето и благосостојбата преку промоција на активниот животен стил и одговорна консумација на алкохол, афирмирањето на родовата рамноправност и други области кои го унапредуваат квалитетот на животот на луѓето и заедницата.

Во Пивара Скопје владее уверувањето дека добрите деловни резултати не се единственото мерило за успех на една компанија. Вистински успешни компании се оние што одат чекор понатаму, поставувајќи повисоки стандарди на одговорно работење, промовирајќи и залагајќи се за вистинските вредности и менувајќи ги работите во заедницата кон подобро. Од досегашното искуство на Пивара Скопје, ова може да се постигне единствено преку создавање и одржување цврсти партнерства и соработка со сите општествени чинители – од бизнис секторот, институциите на државно и локално ниво, научните, образовните установи и организациите од граѓанскиот сектор. На ваков начин компанијата успева да го валоризира своето значајно социо-економско влијание и да го стави во функција на целокупниот натамошен развој на земјата.

За да се добие поцелосна слика за значењето на Пивара Скопје за развојот на земјата, треба да се земе предвид и податокот дека во целокупното свое работење компанијата обезбедува работа за над 1000 свои добавувачи и остварува деловна соработка со повеќе од 10 илјади бизнис-ентитети кои работат во повеќе витални сектори на домашната економија, меѓу кои во трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот, земјоделството, транспортот и други, со што компанијата во голема мера влијае врз целокупната економска активност во земјата. Истовремено, поддржува и голем број иницијативи и проекти кои имаат потенцијал да придонесат за натамошно унапредување на целокупниот економски развој на земјата, каков што впрочем е и проектот „Бизнис Лидер“ со кој Пивара Скопје споделува иста цел, а тоа е воспоставување нови стандарди во бизнис заедницата.