fbpx

13.09.2024

Макстил – лидер во примената на еколошки, социјални и управувачки практики

Македонскиот гигант во челичната индустрија, Макстил е дел од глобалната групација DITH и најголем регионалeн производител на топловалани дебели лимови чии производи се  пласираат на пазарите во повеќе од 40 земји низ светот. Макстил е значаен извозник и учесник во бруто-домашниот производ и воедно лидер во примената на еколошки, социјални и управувачки практики што резултира со добрата позиционираност и конкурентност на глобалниот пазар.

Макстил како општествено одговорна компанија во целост ги следи и поддржува сите нови трендови за зелената транзиција, е лидер во континуирано спроведување мерки со кои се минимизира негативното влијание врз животната средина и како резултат на тоа е првата компанија во нашата држава која доби Декларација за еколошки производ за топло валан дебел лим – ДЕП (Environmental Product Declaration – EPD), а самиот процес на верификацијата беше извршен од страна на холандска сертификациска куќа согласно стандардот ISO 15804.

За остварување на целите на зелената транзиција Макстил има направено повеќекратни инвестиции во енергетски ефикасни технологии, користење рециклирани материјали за да се редуцира употребата на природни ресурси, намалување на создавањето отпад и максимална примена на концептот на циркуларна економија.

Компанијата ја применува циркуларната економија речиси три децении, бидејќи суштината на работењето на компанијата е преработка на отпадно старо железо. Компанијата користи старо железо од кое произведува челични производи со додадена вредност. Тоа значи дека во производството не се користат ресурсите на планетата, како што е случај при производство на челик од руда, туку се рециклира железо на коешто му завршил корисниот век.

Во Макстил најголем дел од материјалите кои во процесот на производство се добиваат како нуспроизводи, добиваат дополнителна намена и се употребуваат во други дејности, а само мал дел претставува вистински отпад. Имено, филтерската прашина се користи за понатамошна обработка, односно екстрахирање на цинк, коварината се користи како делумна замена на железна руда во високи печки.

Со цел да го затвори кругот на циркуларната економија и да се постигне зададената цел за нула отпад, компанијата се вклучи во европскиот проект CINDERELA, со цел намалување на урбаниот отпад и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија, а со кој се решава прашањето на троската, која остануваше како секундарна суровина. Во Макстил денес троската е сертифициран продукт и веќе не е отпад, туку наоѓа примена како агрегат за тампонирање, а во наредниот период ќе биде сертифицирана со уште еден стандард со кој ќе може да се користи како агрегат за асфалт. Со тоа ќе се овозможи троската да се употребува во градежната индустрија, односно за изградба на патишта и за бетонски постројки.

Како компанија Макстил е една од првите што отпочна со целосна примена на сите начела кои се внесени во СВАМ директивата, односно целосна пресметка на јаглеродните емисии согласно методологијата, која е дадена во самата директива како и нивна верификација за развој и креирање инвестиции поврзани со поддршката на зелената агенда. Преку имплементација на оваа директива на ЕУ, чија примена ќе стартува од 1 јануари 2026 година, ќе се обезбеди намалување на вкупната количина на јаглеродни емисии, кои ги создава Макстил во текот на работните процеси, односно при производство на слабови и топло валани лимови.

Макстил е исто така и лидер во транспарентноста бидејќи врши редовно мерење и информирање на јавноста за емисиите на цврсти честички, кои континуирано се неколкукратно пониски од дозволените, што стана практика којашто ја презедоа и други компании.  

Еден од најголемите приоритети на компанијата е безбедност и добросостојба на вработените. Во Макстил континуирано се подобруваат условите за работа и се зголемуваат бенефициите за вработените со создавање програми и иницијативи за обуки и развој, едукација на вработените и активности за уште поголемо вклучување во заедницата.

Како валоризација и признание за посветеноста на модернизирање на производството и заштита на животната средина преку иницијативи како што се производство на „зелен челик“ и инвестирање во напредни системи за отпрашување, е престижната награда Зелена Агенда, која компанијата ја доби од Стопанската комора на Северна Македонија.

Макстил како компанија континуирано ја поддржува и локалната заедница, со цел создавање суштински промени на ниво на широката општествена заедница. Во насока на остварување на целите на општествената одговорност во деловните операции, Макстил дава конкретен придонес во заедницата преку постојано помагање на иницијативи во доменот на екологијата, здравствениот систем, здравјето и безбедноста во сите аспекти на работењето, образованието и социјалниот аспект.

Преку сите овие иновации и инвестиции Макстил дава силен придонес во развојот на бизнис заедницата во нашата држава. Во оваа насока компанијата оваа година е сребрен спонзор на проектот „Бизнис Лидер“, како поддршка на успешните компании во македонскиот деловен свет. Со овие активности Макстил сака да ги поттикне и другите компании да го следат овој пример, за добро на самите компании, вработените и економијата на земјата во целина.