ИНТЕРВЈУ| Ненад Пантовиќ и Крис Поповски, основачи на „Сињори“: Со страст и посветеност на квалитетот се надминуваат сите предизвици
Поддршката за млади таленти сè уште е на пониско ниво отколку што треба да биде. Сепак, има сè повеќе организации и институции што го препознаваат потенцијалот на младите и работат на создавање подобра средина за нив. Ние секогаш сме отворени за млади таленти во нашиот тим и се трудиме да им овозможиме можност за развој, велат креаторите на брендот „Сињори“.
„Сињори“ е компанија основана во 2014 година, а нејзините основачи Ненад Пантовиќ и Крис Поповски биле водени од сонот да произведуваат уникатни костуми по мера и желба на тие што ќе ги носат. Нивната истрајност покажува, како што велат, дека со „страст и посветеност на квалитетот се надминуваат сите предизвици“. Сега, веќе чувствуваат дека ги надминуваат можностите што ги нуди овој пазар и имаат нова амбициозна визија – брендот „Signori“ („Сењори“) да се прошири регионално, но и подалеку во светот.
Пантовиќ и Поповски, како што заеднички ја почнаа својата бизнис-приказна, така и сега, заеднички ни ги претставија своите почетоци, предизвици и планови.
Слободен печат: Како почна вашата бизнис-приказна?
– Нашата приказна почна пред една деценија со визија да создадеме бренд што ќе ја донесе уметноста на bespoke костумите во Македонија. Со години работевме на совршенството на секој детаљ, од изборот на материјали до најситните приспособувања на секој костум за да создадеме нешто уникатно за секој наш клиент.
Слободен печат: Тешко ли е во Македонија да се има компанија за персонализирана мода?
– Нема сомнеж дека предизвиците се големи, но со страст и посветеност кон квалитетот, можеме да ги надминеме. Во Македонија сè уште има голем потенцијал за развој на персонализирана мода, особено затоа што сè повеќе луѓе го препознаваат значењето на квалитетот и на уникатноста. Но, секако, потребни се вложувања и постојана иновација за да се одржи конкурентноста.
Слободен печат: Кој ги креира моделите, колку луѓе работат на реализацијата? Потребни ли се специјални машини, можеби и со висока технологија, или повеќе се потпирате на вредните раце?
– Нашиот тим е составен од талентирани исклучителни мајстори кројачи. Секој костум е креиран со комбинација на традиционални техники и модерни технологии. Машините ни помагаат за некои прецизни процеси, но финалната работа и уникатниот допир секогаш доаѓаат од рацете на нашите вешти мајстори. Во тимот имаме околу 20 луѓе што се вклучени во различни фази на создавањето на секое парче.
Слободен печат: Од каде набавувате материјали?
– Материјалите ги набавуваме од врвни производители на текстил од Италија и од Англија за да обезбедиме дека квалитетот на нашите костуми е на највисоко ниво. Работиме со најпознатите компании за производство на штофови како „Скабал“, „Лоро Пиана“, „Зегна“. Веруваме дека добриот костум почнува со одличен материјал, па затоа сме многу внимателни при изборот.
Слободен печат: Може ли да ни откриете за кои познати личности сте креирале костум?
– Ние ја почитуваме приватноста на нашите клиенти, но можам да кажам дека имаме чест да облекуваме многу јавни личности, од бизнисмени до уметници и политичари. Она што е важно за нас е секој клиент да се чувствува уникатно и удобно во својот костум.
Слободен печат: Има ли вистина во онаа стара изрека дека човекот го прави костумот?
– Има многу вистина во тоа, би рекол дека добриот костум може да помогне човекот да се чувствува уште подобро во својата кожа. Тоа е како алатка што ја зголемува самодовербата и прави да изгледате онака како што се чувствувате.
Слободен печат: Дали имате соработка со странски модни куќи?
– Имаме соработка со неколку меѓународни партнери за набавка на материјали и размена на експертиза. Постои интерес за нашата работа и надвор од Македонија и со нетрпение очекуваме да ги прошириме нашите соработки на глобално ниво.
Слободен печат: Што мислите, има ли во Македонија поддршка за млади таленти за да развиваат бизнис?
– Поддршката за млади таленти сè уште е на пониско ниво отколку што треба да биде. Сепак, има сè повеќе организации и институции што го препознаваат потенцијалот на младите и работат на создавање подобра средина за нив. Ние секогаш сме отворени за млади таленти во нашиот тим и се трудиме да им овозможиме можност за развој.
Слободен печат: Кои се вашите идни планови?
– Нашата цел е да го прошириме брендот „Сињори“ и на регионално и на меѓународно ниво. Исто така, работиме на воведување нови линии на производи, сè уште во духот на персонализираната мода, но со модерни и иновативни пристапи.
Преземено од дневниот весник Слободен печат, медиумски партнер на „Бизнис Лидер“.